На редовната седница на српското Собрание денеска се случија неколку инциденти околу 11 часот кога беа фрлени чадни бомби. Подоцна околу 14 часот се случија нови инциденти, кога повторно беа фрлени чадни бомби, беше запален и факел, а пратеникот Радомир Лазовиќ активираше и противпожарен апарат. Пратениците од опозицијата гаѓаа и со јајца кон претставниците на власта, јави Н1.
Во првиот инцидент повредени се две пратенички на владејачката „Српска напредна странка“, а на една пратеничка која е бремена и се слошило. На дневен ред на седницата требаше да се најдат 62 точки, меѓу кои и измени на Законот за високо образование, предлог-закон за станбени кредити за млади и гласање за разрешување на претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.
Опозицискиот Зелено-лев фронт поднесе предлог на седницата да се расправа само за Законот за високо образование, но предлогот беше одбиен. Опозицискиот пратеник Мирослав Алексиќ соопшти дека „опозицијата ја констатирала оставката на Владата“.
За време на седницата беа развиени и транспаренти на кои пишуваше „Рацете ви се крвави“ и „Корупцијата убива“.
Седницата на српското Собрание е во тек.