[Видео] Иницијатива Октиси: Масовни протести доколку не престане сечата на шума

Жители на струшкото село Октиси најавуваат масовни протести, доколку не престане сечата на шума во нивниот реон. Проблемот дополнително се актуелизираше поради последната сеча во екот на полициски час, откако беше објавено видео на телевизизијата „Алсат“ каде се гледаат голем број исечени стебла.

Радио МОФ стапи во контакт со граѓанска иницијатива од селото од каде што велат дека од пред повеќе од еден месец почнало со ископување на пат до местото каде планира да се сече шумата, викано Оџови кутли.

Оттаму објаснуваат дека како група граѓани, ги известиле сите надлежни институции, но, тие, како што велат, останале глуви во врска со ова прашање.

„Од Шумското ни рекоа дека имаат дозвола за сеча на 2.500 кубика даб и бука, на што ние нормално дека не веруваме, тука ќе биде голосек на шума. Случајот е пријавен во сите институции, но како што и напоменав, сите се глуви за ова прашање. За случајот дознавме од видео кое се појави на социјалните мрежи од некои медиуми бидејќи е полициски час, не може да се шета“, ни изјавија од иницијативата.

vo vreme na policiski čas na cela teritorija na državata se pustoši vo planinata vo selo oktisi.apelirame do nadležnite…

Posted by Mesna Zaednica-OKTISI on Saturday, 18 April 2020

Тие посочуваат и на случај пред неколку години каде, како што велат, намерно се запалила огромна количина на бор, за потоа да се прави голосек и таму.

„Нашиот коментар и став околу ова е, доколку институциите останат глуви за оваа проблематика што ни се случува, ќе бидеме непослушни граѓани и во време на полициски час ќе стани цело село и се одржат масовни протести“, потенцираат од иницијативата.

Во меѓувреме, посочуваат дека од под таа шума, селото се снабдува со вода за пиење, а стравуваат дека доколку тој извор се оштети, дека за кратко ќе ја немаат и сега малата количина на вода.

Протести поради сечата на шума, жители на Октиси најавија и претходно, во февруари.

М.К.