Музејот на Град Скопје сведочи за земјотресот што го погоди градот во 1963. Зелениот часовник, замрзнат на 5:17, е влез во временска машина. Внатре, освен сведоштва за катастрофата има и фрагменти од нова надеж.
Изложбата „Скопје – градот феникс“ на Зоја Богдановска ја одбележува шеесетгодишнината од катастрофата.
Богдановска вели дека посетителите имаат можност да се запознаат со земјотресот во Скопје, почнувајќи од утрото на 26 јули, од првите мигови на катастрофата, до спасувањето на затекнатите под урнатините, евакуацијата на граѓаните, посебно на децата од град Скопје, она што е животот веднаш по земјотресот – пристигнувањето на хуманитарна и солидарна помош од целиот свет – шаторските населби каде биле сместени бездомните скопјани и она што следело потоа.
Според авторката Богдановска, младите од изложбата можат да научат за солидарноста.
„Може да се научи значењето на солидарноста, значењето на безусловното помагање. Во самата изложба има дел посветен на студентските работни бригади, на младите скопјани студенти, кои што во 1963-тата работеле на автопатот ‘Братство единство’, на последната траса, доаѓаат од автопатот утрото на 27 јули и како млади луѓе се оние што ја носат првата радост и песната после трагичното утро во разурнатиот град. Помагаат. Сето тоа го прават волонтерски. Помагаат во спасување на затрупаните, во расчистување на објекти и на улици, дури помагале и во копањето на рововите во Бутел. Младоста е силата на градот и тоа било она што посебно го потенцираат скопјаните“, посочува таа за Радио МОФ.
Истовремено, Богдановска забележува дека и по 60 години од катастрофата, Музејот на град Скопје и понатаму е посетен од млади, и од Скопје и од странство, бидејќи меморијата на нивните предци ги поврзува со овој град и со музејот.
Ивана Смилевска
Ангела Бошкоска