Потребна е поголема едукација и свест на граѓаните за тоа што значи да се чува куче како домашен миленик, бидејќи само преку одговорно сопствеништво може да се реши проблемот со зголемениот број кучиња по македонските улици, согласни се и активистите и експертите во новата епизода „Јасно и Гласно“ на Радио МОФ во која се дискутираше за проблемите со бездомните кучиња.
Граѓаните секојдневно се сведоци на вести за луѓе нападнати од улични кучиња, додека истовремено претходниов период можеше да се видат и потресни фотографии и видеа на отруени кучиња или расфрлан отрови низ градските населби. Оваа ситуација доведе до атмосфера на страв и паника во јавноста за сериозноста на проблемот со бездомните кучиња и сомнежи дали државата има стратегија и капацитет да се справи со ситуацијата.
Венера Петкоска, од Асоцијацијата на активисти за права на животните смета дека за решавање на проблемот покрај функционирање на системските правилници, потребна е и промена во свеста на граѓаните.
„Купуваат или вдомуваат куче, па истото го парат, па не знаат каде ги даваат кучињата или пак, како што сме нашле мал милион пати, оставени кученца во кутија покрај контејнер. Значи потребна е цела една процедура – од стационарите да работат по правилник, до промена на менталниот склоп на сопствениците на кучиња. Само така може да дојдеме до некоја бројка која може да се контролира“, посочи Петкоска.
Елена Петроска, од групата Дејзи Фемили Рескју ги опиша лошите услови во скопскиот стационар за бездомни животни „Вардариште“ со кои се соочувале.
„Вработените кон нас се однесуваа сосема игнорантски, затоа што ние секоја сабота одиме таму со минимум 20 килограми храна која е донација од граѓани, а тоа е нешто што Градот Скопје треба да му го обезбедува на стационарот. И покрај тоа што сега стационарот е затворен, ние продолжуваме да одиме секоја сабота и да ги храниме кучињата на депонијата пред „Вардариште“. Условите се катастрофални. Вратите од кафезите се искршени, жици има на сите страни, кучињата многу лесно можат да се повредат. Начинот на кој се заловуваат исто така е доста потресителен“, објасни Петроска.
Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина, објасни дека потребно е да постои систем во кој ќе се знае кој сè чува куче и кој ќе сноси последици доколку тоа куче се најде на улица.
„Кога ќе дојдеме до таква состојба, тогаш сме го фатиле овој проблем од почеток и сме го фатиле редот за решавање на проблемот. Сè додека не се направи таква евиденција и не се знае кој сè може да фрли куче на улица, ние ќе тапкаме во место. И стационарите и активистите и сите ние ќе работиме на спасување што е можно повеќе кучиња, но некој постојано ќе ги произведува и ќе ги фрла на улица. Додека тие стигнат до нас, да се стерилизираат или вдомат, во меѓувреме ќе продолжат да се размножуваат и тие бројки преку геометриска прогресија нагло се зголемуваат“, рече Николова.
Димитар Терзиевски, од Агенцијата за храна и ветеринарство, напомена дека контролата на популација на кучињата ќе биде стратешки приоритет на институцијата во следниот период. Информираше дека со микрочип досега се регистрирани скоро 60.000 животни во ветеринарно-информативниот систем на Агенцијата.
„Погрешно беше протолкувано во јавноста дека секое куче мора да биде стерилизирано. Ако не сакаат сопствениците да бидат регистрирани како сопственици на куче, или да регистрираат одгледувачница, наједноставно е кучето да биде стерилизирано и нема да имаат никаква обврска кон државата. Со тоа ќе го спречиме неодговорното сопствеништво, а ја подобруваме благосостојбата на животното“, рече Терзиевски.
„Целта е да нема кучиња на улица. Бидејќи кучињата се домашни миленици. Сакаат љубов, семејство, некој кој ќе го чува. Но свеста мора да се зајакне. Кога ќе земеме куче првин да размислиме добро дали можеме да го чуваме. Каде ќе одиме на одмор – каде ќе го оставиме кучето, дали на децата ќе им помине меракот па ќе го фрлиме на улица… Да го сопреме вентилот – стерилизирај го својот миленик и понатаму нема да бидеш одговорен за другите кучиња“, додаде тој.
Терзиевски посочи дека во меѓувреме работат на кампања во училиштата за развивање на свеста за одговорното сопствеништво кај најмладите.
Даниел Евросимоски