Колку владиниот План за борба со аерозагадувањето ќе има ефект и дали во догледен период македонските граѓани ќе дишат почист воздух? Ова беа прашањата во фокусот на веб-дискусијата „Јасно и Гласно“ на РадиоМОФ на која претставници на граѓански организации дискутираа со Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.
Кристијан Караџовски од иницијативата „Канцерогено општество“, кои претходната сабота го одржаа третиот протест против загадувањето, вели дека тоа што ги принудило да излезат на улиците е животот во „најзагадениот град на Планетата Земја“.
„Град Скопје дава 400 илјади евра за да го кити најзагадениот град во светот, додека во исто време Владата планира два милиони евра за борба со аерозагадувањето. Секоја сабота ќе протестираме со цел да изградиме колективна меморија на населението, бидејќи го забораваат проблемот преку лето. Сите ние спаѓаме во категоријата „климатски мигранти“, останува да се гледаме пред Собранието додека не се иселиме“, рече Караџовски во дискусијата.
Јасно и гласно: Кога ќе дишеме чист воздух?
Погледнете ја веб-дискусијата „Јасно и гласно“, во која дискутираме за огромното аерозагадување и најавените мерки и решенија за намалување на најголемиот проблем со кој се соочува државата.Гости во студиото се Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, активистката Ели Пешева од О2 Иницијатива, Драги Змијанац од Детската амбасада „Меѓаши“ и Кристијан Караџовски од движењето „Канцерогено општество“**Оваа содржина е поддржана од National Endowment for Democracy (NED), со цел да поттикне активизам и социјална инклузија, истовремено нудејќи веродостојни информации и борејќи се против ширењето дезинформации кај младите преку мултимедијалната платформа Радио МОФ.
Posted by Радио МОФ on Thursday, 14 February 2019
Ели Пешева од О2 Иницијативата изјави дека парите недоволниот буџет за борба со аерозагадувањето останува клучен проблем.
„Според Државниот завод за статистика во Македонија над 344 илјади домаќинства користат огревно дрво. Со Планот за чист воздух, за 2019, предвидувате замена на начинот на греење во 1.100 домаќинства, во три градови. Со ова темпо ние ниту за 70 години нема да стигнеме овие домаќинства да ги префрлиме на друг начин на греење. Мора да се обезбедат повеќе пари и парите од даноците да се наменат за она што се собрани, односно за животна средина“, рече Пешева.
Драги Змијанац од Детската амбасада „Меѓаши“ пак напомна дека надлежните треба да обрнат поголемо внимание на аерозагадувањето од тешката индустрија и малите загадувачи кои не користат филтри, додавајќи дека
„Граѓаните кои живеат во радиус на неколку километри околу зоната во која се наоѓаат Дрисла, Усје, Железара, Годел и Охис, се во канцерогена зона на егзистенција. Мислам дека сме нехумано општество што на овие граѓани не им ја кажуваме вистината, дали ќе ги дислоцираме граѓаните од таму, или ќе ги дислоцираме загадувачите, или ќе ги ставиме под контрола. Граѓаните ја имаат изгубено довербата и не знаеме дали има ненајавени инспекции. Ако вака продолжи ќе почнеме да се организираме како дежурни граѓански еко-патроли и да ги детектираме загадувачите и да се преземат мерки да се санкционираат“, рече Змијанац.
Домашното затоплување е најголемиот извор на загадување со ПМ честички и искуствата од сите држави покажуваат дека го решавале проблемот преку помош во замена на начинот на кој се загреваат домаќинствата, посочи Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.
„Ова е патот, не постои друг начин. Во овој момент Полска, Бугарија го прават истото. Буџетот не е доволен, но е добар почеток. Преговараме со неколку финансиски институции ние да ја финансираме замената на изворите на загадување кај најсиромашните и има многу компании кои се јавуваат да помогнат во процесот како нивна општествена одговорност. Не постои друг пат. Каква ќе биде брзината на процесот зависи од тоа колку пари ќе алоцираме во претстојниот период“, рече Макрадули.
Даниел Евросимоски