Со реформите во основното образование, посебните училишта во Македонија се трансформираа во ресурсни центри, а едно од тие е ОУРЦ „Иднина“.
Оттука, во подкаст снимен во Радио МОФ зборувавме за новата дејност на „Иднина“ и ресурсните центри, за тоа како функционира наставата, но и како се ангажирани образовните асистенти во инклузивното образование.
Исто така, дали има неприфаќање на инклузијата во редовните училишта и кои се предлозите за да се подобри состојбата.
Гости во студиото на Радио МОФ беа директорката на ОУРЦ „Иднина“, Лорета Андреевска и специјалната едукаторка и рехабилитаторка од истото школо, Катерина Величковска, која е и координаторка за соработка со дел од основните училишта.
Еден од новинарите-водители на подкастот беше Лука Генадиќ. Тој е дел од детската новинарска екипа (ДЕН) која функционира во склоп на Основното училиште со ресурсен центар (ОУРЦ) „Иднина“ – Скопје.
„Лука е ученик во седмо одделение, а омилен наставен предмет му е математика. Иако говорот кај Лука се појавил подоцна тој покажува афинитети кон јазиците. Го научи македонскиот јазик, но течно зборува и англиски јазик, а повремено го користи шпанскиот јазик. Како и секој друг ученик ги сака видео игрите. Од оваа година е член на детската новинарска екипа со која подготвува месечни изданија на училишниот весник“, велат од ОУРЦ „Иднина“.
Како поддршка на Лука во подкастот беше и новинарот на Радио МОФ, Бојан Шашевски.
Активноста е поддржана од Македонски обрзовен форум (МОФ) и Македонски институт за медиуми (МИМ).