Во среда (26 јуни) со почеток во 18 часот, пред хотелот Бристол ќе се одржи мирен протест насловен „Кислород“, со кој граѓанската иницијатива „Авангарда“ ќе побара да се запре со сечење и на последните дрвца во Скопје.
„Последен пат го видовме во паркот, под липите… Нашиот пријател што сите го познаваме, мисли дека е сам и го губи она што последно му остана. Зашто кога го тепаа ние не го одбранивме, го замолкнуваа а ние молчевме, кога му се потсмеваа мислеше дека и нам ни е смешно. Му забранија да раскажува за да ја заборавиме и ние нашата приказна. Мисли дека е заборавен, а нам ни недостасува. Тој, кој не потсетуваше нам и целиот свет што значи солидарноста“, стои во повикот за настанот.
Присутните најавија дека ќе ја испеат песната „Скопје радост ти ќе бидеш“ , а како говорници се потпишани активисти Џелал Хоџиќ и Никола Наумовски. Свој настап ќе имаат и „Puk’kah“, „Da Dzaka Nakot“ и „Strajk“.
Концептот е свирка-протест, односно да се соберат на едно место сите активисти и граѓани кои што по различни основи изминатиов период излегле на протест, од оние протести на „Плоштад Слобода“, па до денес.
Дојдете да дишеме слободно, повикуваат организаторите.