Магионичарот Дејвид Блејн оваа недела го заврши својот последен трик наречен „Вознесение“, кој се прикажуваше во живо на неговиот Јутјуб канал.
Блејн лебдеше над пустината во Аризона, управувајќи со 52 балони исполнети со хелиум на надморска височина над 2400 метри.
Пред самиот почеток, видеото започнува со предупредувањето: „Ова е демонстрација на тест за лет за истражување и развој“.
Блејн го раскажуваше искуството преку микрофон за време на трикот, остварувајќи врска со тим на земја. Магионичарот ги пушти балоните наеднаш кога ја достигна висината и се спушти со падобран, слетувајќи близу аеродром.
Тој објасни дека неговиот последен трик бил инспириран од францускиот краток филм од 1956 година, наречен „Црвениот балон“.
Трикот првично бил планирано да се одржи во Њујорк, од каде потекнува Блејн, на 31 август. Но, акробацијата била преместена во Аризона, поради временските услови и понатамошните безбедносни проблеми.
„Овој трик веќе 10 години се прави“, претходно објави Блејн на својот Твитер профил, најавувајќи ја акробација. „
Да ја претвориме грижата во чудо и да ја однесеме магијата на нови височини“.
Блејн е добро познат по своите амбициозни јавни акробации. Во 1999 година беше жив закопан една недела во Њујорк, а во 2003 година помина 44 дена во стаклена кутија во Лондон.