[Видео] Јасно и Гласно: Малку пари, многу одговорности и неизвесност – младите лекари си одат од земјава

Потребни се драстични промени во системот за да се задржат младите лекари во Македонија. Тие се жалат на неплатените дежурства и бројните одговорности, на робовладетелските договори за специјализација, немањето литература за учење, но и на на ниските примања дури и кога се 24 часа достапни за пациентите.

Во емисијата „Јасно и гласно“, на темата „Неизвесна иднина за младите доктори во Македонија“, зборуваа Магдалена Ѓориќ Петрушевска (матичен доктор), Ненад Лазаров (специјализант по гинекологија и претседател на АМСЛ), Анила Белчишта (специјализант по ортопедија и член на ЗЛС) и Васко Ѓорѓиевски, студент по медицина.

Магдалена Ѓориќ Петрушевска, го сподели своето искуство како матичен лекар во амбулантата во Кадино, прво како вработена, потоа и како сопственик. Од неодамна ја предава амбулантата на друг лекар, и забрзано учи германски јазик. Вели, дека уште еднаш ќе се обиде да конкурира на оглас за диктори во јавното здравство, за да си потврди и на себе, и на најблиските, дека вработувањата на лекари во земјава одат преку врска. Потоа планира да го фати патот кон Германија.

„Специјализацијата во Македонија повеќе нема цел“, забележува младата докторка.

Ненад Лазаров, кој е при крај со својата приватна специјализација по гинекологија, откако бил одбиен на петнаесетина конкурси во јавното здравство, вели дека e потребно целосно рестартирање на системот ако државата сака да ги задржи лекарите. Како претседател на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, смета дека е не опходна долгорочна стратегија, акционен план и драстични промени.

„Недозволиво е еден лекар да работи 24 часа, континуирано, и тоа да биде неплатено. Јас се сметам за спонзор на јавното здравство“, вели младиот гинеколог.

Неговата колешка од Здружението на лекари специјализанти, Анила Белчишта, забележува дека младите лекари долго време премногу им веруваа на институциите, додека да се освестат дека сами треба да си ги бараат своите права.

„Ние имавме проблем на секоја врата на која тропнавме“, вели Анила Белчишта, која додава дека го има потпишано еден од најлошите договори за државната специјализација по ортопедија.

Васко Ѓорѓиевски, кој е на средината на своите студии по медицина, се надева дека нештата ќе се подобрат додека тој го зафржи факулетот. За секој случај, планира да се запише и на германски јазик.

„Јасно и гласно“ е емисија во која млади луѓе зборуваат за предизвиците со кои соочуваат во својата област, за проблемите и успесите. Секоја емисија останува како подкаст за прегледување на Фејсбук и Јутјуб каналот на Радио МОФ.

Ј.Ј.