Мала група граѓани уште рано утрово се на сртот на Водно, обидувајќи се да ги спречат багерите да копаат за најавениот гасовод. Истовремено, се обидуваат да им укажат на ангажираните работници за уништувањето на шумата и за низа недостатоци при процесот за изградба.
Иницијативата „Го сакам Водно“, која вчера повика доброволци за „жив ѕид“ пред машинеријата, потенцира дека и втора група граѓани тргнале нагоре, но тешко стигнуваат до врвот бидејќи денес се врши технички преглед на жичницата. Редовниот сервис е поместен ден понапред поради празникот, па жичницата е вон употреба.
Исто така, еко-активистите потенцираат дека и ТВ екипи се оневозможени да стигнат до терен поради спуштена рампа, за која велат е во надлежност на Град Скопје.
Во поглед на активностите на терен, „Го сакам Водно“ нагласува дека горе е работено и вчера, а багерите се упатени кон Шишево.
„Живиот штит е обид да се вразуми Владата и да повлече својата одлука. Во моментов нема никаква ознаки дека станува збор за градилиште, нема табла кој изведува. Во ваков случај, секој може да биде присутен таму. Нашите активисти се практично на излет, а багерите се тие кои им го реметат мирот на нив и планината“, велат од „Го сакам Водно“, чии активисти и денес однесоа на сртот голем банер на кој пишува „Не на Водно“.
*Дополнето
Активисти од терен информираа и дека багеристите добиле наредна да ги газат насобраните луѓе, но наредбата ја одбиле.
„Нема да ви заборавам…..шефот на механизацијата кој патем не ни покажа никаква дозвола за работа, во 9.30 часот студено и ладнокрвно му рече на багеристот – Гази, оди напред. Шоферот уште поладнокрвно го изгаси багерот, излезе, не се покори на наредбата и му рече ‘Јас не одам на живи луѓе’. Ќе отидете бе напред..и до крај ќе отидете. Ама со зборовите кажани и со мрачните мисли ниту вечноста нема да ви биде доволна“, објави активистот Игор Смилев.
Б.Ш.