Олимписките и параолимписките медали на претстојната Олимпијада во Париз ќе содржат делови од Ајфеловата кула, соопштија организаторите вчера, а пренесува „Гардијан“. Произведени се 5.084 вакви медали.
„Идејата беше да се поврзат Олимписките игри со симболите на Франција. Апсолутен симбол на Париз и Франција е Ајфеловата кула. Тоа е можност за спортистите да вратат дел од Париз со себе“, изјави креативниот директор на Олимпијадата Тиери Ребул.
„Жетоните“ се дизајнирани од париската компанија „Шоме“ и изработени од рециклирано железо од кулата, за време на минатите реновирања кое со години се чува на тајна локација.
„Гледањето во нив одблиску дава дополнителна мотивација“, изјави француската претставничка во борење која се натпреваруваше на Олимписките игри во 2020 година во Токио, Кумба Ларок.
Формата на „жетоните“ е шестоаголна, како симбол на формата на Франција.
Тие се сместени во центарот на златните, сребрените и бронзените медали и на нив е отпечатено „Париз 2024“ и логото на Олимписките игри, како и петте олимписки кругови. На задната страна на медалите е прикажана грчката божица на победата, Најк, како се движи напред, со Акропол од едната и Ајфеловата кула од другата страна.
Инаку, овогодишните Летни олимписки игри ќе се одржат од 26 јули до 11 август.