По петгодишна пауза, „Милко“ се враќаат на сцена со новиот сингл „Тажен понеделник“ во издание на „Шарла Рекордс“ (Sharla Records).
Како што вели издавачот, нивната музика е инспирирана од британската независна музичка сцена од 80тите и 90тите години на минатиот век, и се карактеризира со изразито елегантен звук и топли, ангажирани, радио пријателски песни.
„Искуството е нивниот снажен адут, и тоа може да се почувствува во секој отсвирен тон. Гитарата и гласот на фронтменот Сашо Митревски звучат позрело од било кога, темите се поблиски до реалниот живот, во една одмерена и емоционално суптилна рефлексија на светот и времето во кое живееме“, велат од „Шарла“.
Синглот „Тажен понеделник“ може да се преслуша и поддржи преку Бендкемп. За песната е направено и видео.
Инаку, „Милко“ е инди-рок трио од Скопје. Постојат од 2008 година, и во истата формација досега реализираа три албумски и две ЕР изданија.
Музиката и текстот / гитарата е на Сашо Митревски. На бас гитара свири Филип Поповски, на тапани Стефан Терпини, додека синтови – Владимир Бичковски. Аранжманот е на „Милко“.
Музиката е снимана во студиото „Алшар“, мај-јуни 2024 година. Продуцент е Ивица Јанкуловски, а за фотографијата/омотот беше задолжен Давид Ангелевски.