[Видео] Мирна, топла ноќ на Мексичка, во Тафталиџе?!

[Видео] Мирна, топла ноќ на Мексичка, во Тафталиџе?!Граѓаните протестираат, инвеститорите градат. Ова е се случува во Меморијалниот мексички парк во Тафталиџе. Четврта недела трае протестот на жителите на улиците Мексичка и Хелсинки кои бараат да се запре со изградба на објектот и општината да ја преиспита целата постапка на издавање градежна дозвола среде детско игралиште.

Тие се жалат на игнорантскиот однос на општинските власти, а протестот и блокадите на пристапните патишта до објектот велат дека им се единствена можност за притисок.

„ Градилиштето во ниедна смисла не ги задоволува законските прописи: ископаната земја се слева на пристапниот пат до околните куќи и игралиштето, се работи до доцна во ноќта, се користи т.е. уништува споменикот за вршење градежни дејности, а работниците се не обезбедени и не носат соодветна заштита. И покрај неколкуте уредно поднесени барања за увид по различни основи до Инспекторатот на Општина Карпош од 07.06.2013 година, до сега инспектор не излегол на терен и нема одговор на барањата“, стои во соопштението од жителите.

Тие покажаа и како деновиве изгледа една, како што велат, мирна, топла ноќ на Мексичка, во Тафталиџе…

Местото на кое се гради објектот е вратено со денационализација во 2002 година, а во 2012 година општината дава дозвола за градба. Сопствениците за Радио МОФ претходно изјавија дека сите документи им се кристално чисти. Тие исто така се жалат на опструкции и закани од страна на соседите кои протестираат против изградбата на нивниот објект.

Жителите на Тафталиџе ги негираат ваквите тврдења. Со протестот бараат времено стопирање на градбата, бидејќи како што велат, има основани сомневања за тоа како општината издала дозвола за градба на станбен објект среде детско игралиште.

Ј.Ј.