[Видео] Млади за Скопје, епизода 5

„Млади за Скопје“ ја објавија својата петта епизода. Дечките повторно се навраќаат на свирката со „Д Пленктонс“ и изложбата на уметникот Стефан Младеновски во Старата Скопска Чаршија, но притоа нудејќи и интервјуа со нови млади креативци.

Колективот „Млади за Скопје“ со ова ја продолжува својата културна мисија да презентира млади луѓе, неетаблирани и алтернативни бендови и уметници, за да се поддржи локалната сцена и продискутира со артистите за нивната работа и за културниот живот.

Овој пат, во фокус е Андреј Татарчевски, битолчанецот кој рано во животот се сели во Скопје, своевремено свири виолина, за потоа да се пренасочи кон гитара и пијано. Татарчевски компонира и продуцира музика за неколку кратки филмови. Во декември 2020 година го издава својот прв албум „Циклус 1“.

Исто така, во новата епизода е интервјуто со Бурџу Мусли, визуелна уметница од Скопје, апсолвент на Факултетот за ликовни уметности „Кирил и Методиј“ – оддел сликарство. Таа е учесник на меѓународна изложба за млади уметници, групни изложби и самостојна изложба со арт колажи. Последно изложуваше во галеријата на МКЦ.

Млади за Скопје“, како и на сите свои претходни епизоди и настани, носат свежа порака – за слободата на говорот, како основен фундамент на секое демократско општество.

Бојан Шашевски
Фото: Принтскрин од видео на „Млади за Скопје“