Дечките од „Млади за Скопје“ по двомесечна пауза поради пролетниот бран на пандемијата, повторно организираа нов настан во уличката кај „Ла Кања“ во Старата Скопска Чаршија. Таму за Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, 9 мај, пред публиката со својот музички универзум се претстави Андреј Татарчевски, а потоа се одржа и изложба на делата на уметницата Бурџу Мусли.
Оваа културна спојка е воведот во новата епизода на Млади за Скопје. Тие повторно се ангажираат да претстават млади уметници и бендови, да донесат свежина и, самоиницијативно, да претстават нови поглавја во домашнатата културна сцена.
Во видеото има интервјуто со Дарко Медарски и Кирил Тројачанец од составот „Man in a Suit“. Ова е бенд што по четири години од формирањето го издаде првиот албум „Reveries“, спакуван во 10 теми, за кој петчлениот млад музички екипаж ќе рече дека е спремен да понуди „џемови, опасни солажи и по некоја песна“.
Составот е гладен за свирки, за настапи во живо каде се случува вистинската магија и фидбек со публиката. Оттука, интервјуто со „Млади за Скопје“ е најава и за нова заедничка соработка за која културните фанатици допрво чекаат датум.
Исто така, во видеото е вклучен разговор и со Марко Јачев. Се работи за уметник роден во Скопје, кој слика и црта во стил на експресионистички надреализам, а на моменти само надреализам.
„Млади за Скопје“ не забораваат да вметнат и нова тематска платформа што се провлекува низ нивните настани и видеа, со цел во активистички манир да упатат соодветна порака до аудиториумот. Овој пат е за интелектувалната сопственост, за која велат дека е категорија на сопственост која ги вклучува нематеријалните креации за човековиот интелект.
„Уметниците, музичарите, научниците, изумителите, писателите, новинарите и останатите креативни професии се оние кои најмногу им е потребна заштитата на нивната интелектуалната сопственост“, се вели во дел од пораката на „Млади за Скопје“.
Б.Ш.