Како резултат на потребата за независно делување во сопствен простор, кој ќе биде препознаен како таков и кој нема да зависи од вољата на јавните културни институции и нивните интереси, Скопје добива Мобилна монтажна галерија. Целта е таа да биде простор во кој ќе се реализираат идеите и креативните потенцијали на уметниците, независниот културен сектор и граѓаните.
„Соочени со тивкото замирање и огромната декаденција на уметничката и културната сцена и со уништувањето на граѓанскиот концепт на јавниот простор (донекаде и на јавните културни институции) во Скопје, но и во цела Македонија, ние – Центарот за современи уметности преку Мобилната монтажна галерија всушност решивме на креативен и естетски прифатлив начин да извршиме упад во јавниот простор и на уметниците и кутурните делатници да им овозможиме нова директна комуникација со граѓаните и публиката“, наведуваат од Центарот за современи уметности.
За изгледот и функционалноста на новиот простор сведочи и следното видео објавено пред неколку часа:
CAC-Gallery from OPA on Vimeo.
Изгледот и концептот на галеријата се резултат на широка дебата и истражување спроведени во изминатите 6 месеци од страна на ЦСУ Скопје, при што беше посочена потребата просторот да биде: мобилен, флексибилен и мултифункционален и да има можност за претсавување на повеќе форми на уметничко и културно изразување, од класични изложби до јавни дебати, перфроманси, работилници и слично. Со отворањето на Мобилната / Монтажна галерија конечно првенствено Скопје, но и другите градови во Македонија (галеријата ќе патува по потреба) ќе добијат реален независен простор. Од ЦСУ се уверени дека на овој начин ќе се намали зависноста (и можностите за уценување) на независниот културен сектор од страна на јавните културни оператори без разлика дали делуваат на локално или национално ниво.
Со оглед на потребата за програмска препознаеност, но и со оглед на потребата од простор за делување на сите независни актери од областа на културата и уметноста како и од граѓанскиот сектор Мобилната монтажна галерија има 4 главни линии на делување – ON и ОFF програма, Програма за заедницата и Програма за граѓански активизам во јаниот простор. Самата галерија е јавен простор/платформа, со димензии 5 х 9 метри, која што во еден момент физички може да се трансформира од потполно затворен галериски простор до отворена сцена за претстави и граѓански дебати во зависност од потребата на настанот кој се организира.
Галеријата е архитектонско авторско дело на архитектите Дејан Ивановски и Филип Јовановски