Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје ќе се ревитализира, а за таа цел е формирана и специјална работна група со цел да се скенира целокупната состојба на библиотеката, која истовремено изготвува и план за ревитализација на објектот, информираше денеска министерката за култура Ирена Стефоска.
Како што рече Стефоска, децениската негрижа кон оваа ризница зборува за сите нас, и додаде дека не ги повикале медиумите за да бараат изговор за лошата слика, туку да замолат за поддршка во процесот на зацелување и заживување на просторот, кој го чува националното богатство.
„Архитекти и градежни инженери веќе направија проверка на проектот за санација на покривот и бидејќи се е во ред со проектот, тој влегува во програмата за финансирање на наредната година. Исто така се прави пресек на финансиско-нормативното работење на НУБ ‘Свети Климент Охридски’. Отпочнува и процесот за прогласување на библиотечниот материјал за културно наследство во опасност, статус кој ќе овозможи брзи интервенции за негово зачувување и соодветно чување“, рече Стефоска.
Истовремено, таа посочи дека ја имаат предвид и важноста од вложување во стручен кадар, опрема и збогатување на содржината на библиотечниот фонд.
View this post on Instagram
„Процесот на враќање на достоинството на овој репрезентативен објект, со бесценета содржина започна. Би сакала да истакнам дека НУБ не е само покривот и не се само новите столчиња. НУБ ‘Свети Климент Охридски’ е многу, многу повеќе, НУБ е емоција, затоа ги повикуваме сите општествено одговорни компании и поединци да ни се придружат, да бидат дел од генерацијата која ја ревитализирала националната и универзитетска библиотека Свети Климент Охридски“, истакна Стефоска.
Министерката посочи дека нема да сме први во светот кои на ваков начин ги поткрепиле своите национални библиотеки, и потенцираше дека веќе се во разговори со одредени донатори, затоа што како што рече, „ова е голема работа и само сите заедно ќе успееме да ја кренеме ‘на нозе’ националната и универзитетска библиотека“.
Ваквата најава доаѓа два месеци откако јавноста посведочи и реагираше за условите во кои се наоѓаат просториите на библиотеката.
М.К.