Мисијата „Дарт“ на Американската вселенска агенција (НАСА) успешно удри во астероид со цел да тестира систем за одбрана на Планетата Земја.
Сударот со вселенско летало беше дизајниран како експеримент за да проверат дали на ваков начин во иднина би можело да се промени траекторијата на движење на некој вселенски објект кој претставува закана да удри во нашата Планета.
Камерите на мисијата „Дарт“ испраќаа слики секоја секунда, се` до моментот кога леталото се судри со метата – 160 метри голема карпа наречена Диморфос.
Don’t want to miss a thing? Watch the final moments from the #DARTMission on its collision course with asteroid Dimporphos. pic.twitter.com/2qbVMnqQrD
— NASA (@NASA) September 26, 2022
Ќе треба да поминат неколку недели пред научниците во НАСА да утврдат дали нивниот тест успеал, но д-р Лори Глејз, директорката за планетарна наука на НАСА, е убедена дека веќе е постигнато нешто неверојатно.
„Доаѓаме до нова ера на човештвото, ера во која потенцијално би имале можност да се заштитиме од некој опасен удар на астероид. Тоа е неверојатно нешто. Никогаш претходно не сме имале таква способност“, изјави таа за новинарите.
Научниците следниот период ќе утврдуваат колку е променета орбитата на Диморфос околу друг поголем астероид по име Дидимос. Телескопите од Земјата ќе прават прецизни мерења на двете карпи. Пред сударот Диморфос кружеше околу неговиот поголем „партнер“ за 11 часа и 55 минути. Целта е ова време да се промени за неколку минути по сударот.