[Видео] „Нашето здравје не е играчка!“ – Глувите лица со низа потешкотии во македонското здравство

Поради недостиг на акустичка перцепција, глувите лица во здравствените инстиуции се соочуваат со низа потешкотии. Клубот за демократско учество при ДУЦОР „Партенија Зографски“ преку видео кое го подготви има за цел да ја подигне свесноста за проблемите со услугите во здравствениот систем и да понуди решение за аспектите кои ги засегаат глувите лица.


Членовите на клубот се обратија и кон Министерството за здравство со соодветни препораки за подобрување на услугите од здравствениот систем и барање за одржување на состанок.

Препораките се однесуваат на:

  • Подигање на јавната свест за еднаквост во здравствениот систем;
  • Соодветна информираност на здравствените работници за комуникација со глуви пациенти;
  • Толкувач на знаковен јазик при Mинистреството за здравство;
  • Идентификационен картон за глув пациент и неговата состојба;
  • Технолошки иновации за повик на 112.

Видеото е изработено на иницијатива на учениците членови на Клуб за демократско учество во ДУЦОР „Партенија Зографски“ кои сакаат да придонесат за подостапни здравствени сервиси за глувите лица и на знаковен јазик. Во подготовката на видеото беа поддржани од Младински образовен форум, Млад знак и Фондација за демократија на Вестминстер.

Подготовката на ова видео е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на ова видео не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската влада.