Илјадници луѓе излегоа вчеравечер на улиците на Лондон, на годинешниот „Марш на милион маски“ против нееднаквоста, поддржан од групата „Анонимус“, кој набрзо се претворил во судир со полицијата и брканица низ улиците на британската метропола.
Протестот започнал мирно, но потоа помала група се издвоила од коридорот за движење кој го поставила полицијата, по што била спречена да продолжи, а демонстрантите се нашле лице в лице со полицајците. Избувнал судир, во кој полицијата употребила палки. Во друг дел од центарот на Лондон, интервенирала коњичката единица на полицијата, која трипати јуришала кон демонстрантите, пред тие да запалат огномет и да ги исплашат полициските коњи.
Уапсени се неколкумина демонстранти, а повеќето избегале низ центарот на Лондон, превртувајќи контејнери. Искршени се излозите на најмалку две продавници.