[Видео] Недобиениот документ кој води кон спасот за Шемсије

Шемсије Хасани на својот календар го забележа 14.06.2023 со црвена боја. Тој ден е празник за неа, но и за сите останати лица во земјава без државјанство, а се проценува дека бројката е 700. На 14 јуни годинава Собранието ги усвои измените на Законот за матична евиденција. Календарот на Шемсија ќе биде обележан со уште еден важен датум – кога таа ќе го земе листот хартија, кој за неа ќе го отвори патот да ги остварува своите права како и сите останати граѓани.

Триесет и три годишната Шемсије е родена во општина Шуто Оризари и е мајка на две деца, кои државјанството го добиле преку таткото, иако и тоа било тешко. Таа е единствена во семејството која нема државјанство.

„Шалтери на кои се добива само еден одговор, не знаеме како да ви помогнеме, чекање и чекање независно од времето, местото“, раскажува таа.

Листата на желби на Шемсије кога ќе го добие своето државјанството се скромни.

„Да можам да добијам работа, да ме пријават, да имам здравствено осигурување. Дополнително, не можам да патувам, само тука сум цело време, во Македонија“, раскажува Шемсије.

Законските измени за матична евиденција со кои ќе почне процесот на решавање, односно ставање крај на бездржавјанството, треба да се имплементира до крајот на годинава.

Погледнете го видеото на следниов ЛИНК.

Автор: Милош Стојановиќ

*Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од УНХЦР и други агенции на ОН. Содржината на сторијата не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и другите агенциите на ОН.