Неограничен пристап до безбеден и легален медицински абортус, еднаква плата, проактивност на институциите за превенирање и заштита од родово базирано насилство, трансформација на статусот на работничките во културата, систематско решение за пристап до платено породилно отсуство и боледување за земјоделките и вложување во борбата против митото и корупцијата.
Ова беа дел од осумте црвени линии, односно барања кои беа упатени на осмомартовскиот марш кој се одржа вчеравечер во Скопје.
Под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање“, протестниот марш во организација на Платформата за родова еднаквост започна од плоштадот „Скендерберг“. Некои од учесниците на маршот покрај банерите кои ги носеа, на себе имаа залепено и црвени налепници, но и малечки знаменца на Палестина.
„За женски права, не се преговара“, „Нејќам тава, сакам права“, „Ниедна жена не е слободна додека сите не сме слободни“, „Стоп за фемицидите“, „Стоп за насилството“, „Еднаква плата за еднаков труд“, „Солидарност со жените во Палестина“, беа пораките кои се скандираа на маршот.
„Мојата црвена линија е дека правата на жените не се за преговарање и дека се дел од човековите права. Пораката е дека борбата не е завршена, дека има уште многу работа за да стигнеме до еднакви права и дека треба сите здружено заеднички – и граѓански сектор и институции и луѓето кои ги претставуваме заеднички да работиме на менување на свеста пред се, за да дојдеме до општествена трансформација која потоа би ни дозволила секој да ги ужива сите права подеднакво во ова општество“, изјави Тања Иванова од организацијата Реактор – истражување во акција.
Со црвено платно на чело на колоната, граѓаните се упатија кон Владата и кон Собранието каде беа поставени платна кои ја симболизираат црвената линија дека нема преговарање за женските права. На нив, граѓаните пишуваа пораки.
Од паркот „Жена борец“ кој беше крајна точка на маршот, организаторите ги упатија своите барања.
фото: Радио МОФ
Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост истакна дека платформата го крева својот глас во моќен повик за акција.
„Изминатата година бевме сведоци на вознемирувачки тренд, ерозија на правата на жените и нивното континуирано исклучување од креирањето и донесувањето на одлуките кои директно влијаат врз нашите животи. Ние денес категорично изјавуваме дека одбиваме да ја прифатиме оваа реалност. Правата на жените не се за преговарање и нема да дозволиме истите да се злоупотребуваат и користат во политичките и партиските предизборни ветувања“, рече Коцевска.
Организаторите истакнаа дека оваа година маршираат и за солидарност со жените во Газа.
„Нивната состојба е женско и феминистичко прашање. Затоа бараме таа солидарност да продолжи и се надеваме дека следната година кога ќе го имаме овој марш нема да има повеќе војни во светот“, рече Коцевска.
Платформата за родова еднаквост традиционално веќе неколку години по ред го организира осмомартовскиот марш во Скопје со кој се бара унапредување на женските права и поголема родова еднаквост.
Ангела Бошкоска/Мартин Колоски