По премиерата во Кинотека на Македонија, составот „Корпорација Вагина“ (Vagina Corporation) преку „Јутјуб“ го објави концертниот филм „Дали е ова живо?“, кој е во режија на Андреј Богатиновски, но заеднички направен со пошироката банда-другари од колективот „Гола Планина“.
На платформата Бендкемп може да се преслуша и поддржи аудио верзијата на „Дали е ова живо?“.
„Како дел од двегодишниот каталог на бендот ‘Vagina Corporation’, се појавува и ова дело кое ги надминува границите на нормален мултимедиски проект, може да кажеме дека е еден удар кон нормалните пристапи и обид да се пробие низ завесата на конвенционалното музичко творештво. Музичкиот аудио-албум и 50-минутниот филм претставуваат еден манифест на новиот бран на македонска музика, и повик на бендот кон денсфлорот, каде што ушните тапанчиња ќе бидат прободени со остри гитарски тонови и брз-краут-американа-психоделичен рок по кои се препознатливи Вагините. Планината е Гола! Уживајте! “, стои како инфо за албумот, издаден под закрила на „Гола Планина“.
Албумот е снимен во живо на 14 декември во „Дали Апартментс“ во Скопје.
„Корпорација Вагина“ направија концертен филм: Сакаме публиката да се „изгуби“ во нашиот свет
„Корпорација Вагина“ се Лука Јовановски (водечки вокал, гитара), Филип Павловски (вокал, гитара), Борјан Гаговски (бас) и Дарио Циевски (тапани).
Ковер дизајнот на „Дали е ова живо?“ е на Ана Попоска, а фотографијата на Андреј Богатиновски. Снимен е од Ивица Јанкуловски – Штраф и Раде Биковски, кој е задолжен и миксот и мастерот.
На мултимедијалното дело како гостински изведувачи – вокали се појавуваат Мартин Џорлев, Бојана Мицеска и Добрила Грашеска.
Освен Андреј Богатиновски, чија е режијата и монтажата, кинематографијата е на Горан Попоски, додека сценариото е на „Вагина“ и другарите. Продукција и менаџмент: Надица Банишка.
Инаку, по објавениот албум, „Корпорација Вагина“ тргнува на турнеја што ќе започне утре (15 февруари) во „Котур“, за потоа бендот да замине на свирки во Југошпед во Белград, Крна Куча 13 во Нови Сад, на фестивалот МЕНТ во Љубљана и Авла КД во Железники, исто така во Словенија.
Бојан Шашевски