[Видео] Објавен спот за песната „Правда“ на „Суперхикс“ и „21 Век“

Соработката меѓу бендовите „Суперхикс“ и „21 Век“ резултираше со песната „Правда“, а сега и со видео спот за оваа тема, која е дел од последниот албум на „Суперхикс“ – „Сила и нервоза“.

Како што информираат составите, песната е создадена со заеднички напори на двата бенда, со текст од Борис Минов, додека музиката и аранжманот се исто така дело на „Суперхикс“ и „21 Век“. Продукцијата е реализирана во студиото „Тра ла ла“ во Скопје, под водство на искусниот продуцент Мите Димовски.

„Ова музичко видео претставува визуелно и аудитивно доживување кое ги спојува уметничките визии на двата бенда, создавајќи единствено дело на македонската музичка сцена. Видеото е достапно за гледање од понеделник, 3 март од 12 часот на официјалните YouTube канали на ’Суперхикс’ и ’21 Век’“, соопштуват од бендот.

Видеото за „Правда“ е режирано од Милан Блажевски, со Огнен Ацевски како директор на фотографија. Марко Најдановски придонесе како асистент на камера, додека Виктор Атовски беше задолжен за дрон операциите. Костимографијата, сценографијата и организацијата беа под раководство на Борис Минов.

„Во главната улога на Правдамен се појавува Александар Георгиев, додека останатите улоги ги толкуваат членовите на ’Суперхикс’ и ’21 Век’“, се вели во соопштението до медиуми.

Бендовите сакаат да упатат благодарност кон Александар Велиновски од „Јавна соба“, како и кон Елена Вангеловска и Андреј Бартлинг, чиј значаен придонес бил клучен за успешната реализација на овој проект.