Група студенти го објавија нивниот краткометражен филм „Очите на Сизиф“ на кој работеле како матуранти во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.
Филмот претставува приказ на античкиот мит за Сизиф низ очите на младите. Преку нивната интерпретација се забележуваат двете спротивности како што се апсурдот, но и убавината на животот.
Режисер, актер и главен уредник за монтажа и снимање беше Филип Илиевски. Сценариото го напишаа Надица Колоска, Сара Стојановска и Илина Великичевска, под менторство на професорката по класични јазици – Софија Бејковска, кои исто така беа во улогата на актери.
„Со оглед на тоа што филмот се работеше од јануари 2021 до мај 2021. Сите учесници се сега студенти. Филмот не беше некоја училиштна активност туку заедничка наша идеја со професорката, каде што сакавме да го претставиме секојдневниот живот на младите, посебно во текот на пандемијата и за апсурдот на работите. Исто така, сакавме филмот да остане како спомен за нашето средно образование“, објаснува Филип Илиевски.
Локациите за снимање беа низ градот Битола како и во околината, сѐ со цел да се прикаже убавината на целиот регион, па така филмот добива еден локален изглед. Иако филмот е снимен по идејата на млади луѓе, сепак неговата приказна не познава старосна група или граница и во самиот филм секој човек може да се препознае.
Првата премиера на филмот беше во мај минатата година, во античкиот локалитет Хераклеа на патрониот празник на Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола.
Филмот, кој сега е достапен и на Јутјуб може да го погледнете во продолжение: