Денес со почеток од 20:15 на МТВ 1 ќе се прикаже првата епизода од серијата „Зоки Поки“ , адаптација на истоимената книга за деца напишана од Оливера Николова, првично објавена во 1963 година од страна на „Детска радост“, по што следувале голем број изданија.
Повеќе од половина век книгата била задолжителна лектира за учениците во македонските основни училишта. Преведена е на српски, романски, украински, чешки, италијански, словенечки, турски, албански и германски јазик.
Режисерот Александар Поповски и продуцентот Роберт Насков се одлучиле за екранизација токму на „Зоки Поки“ не само затоа што сметаат дека ова култно литературно дело е релевантно за многу различни генерации, туку и поради недостаток на домашна ТВ програма за деца. Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, Поповски и Насков сакаат да создадат ТВ проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното „брзо“ време.
Во улога на Зоки Поки се јавува Матеј Настевски, додека целиот свет овојпат и припаѓа на Анастасија Аневска која ја игра Лидија (Лидиди). Матео Матевски и Матеј Матовски ги толкуваат улогите на другарите Боки (Бокимен) и Гоки (Горила).
Покрај детската екипа, во серијата улоги имаат и Сашко Коцев и Даниела Ивановска, кои се јавуваат како родителите на Зоки, а актерката Сабина Ајрула ја глуми неговата баба.
Погледнете го трејлерот за оваа серија и влезете во магичниот свет на Зоки Поки, исполнет со многу смеа, малку страв, но и дружба, истражување, учење, љубов и сништа.