Илјадници граѓани синоќа втор ден по ред протестираа во Будимпешта против новите закони за работни односи и административните судови со кои се воведува прекувремена работа, како и сомнежи за политичко мешање во судството.
Владејачката партија Фидез, на премиерот Виктор Орбан, ги усвои двата закони вчера и покрај противењето на опозицијата во парламентот и протестите на улиците.
Околу 3.000 демонстранти се собраа пред парламентот и го блокираа сообраќајот на еден од мостовите над Дунав со извици: „Валкан Фидез“ и „Орбан, оди си по ѓаволите“.
„Овде не донесе незадоволството, прво поради прашањето на судството, која е следна фаза на бетонирање на нивната моќ, второто е поради законот со кој се удира шамар на работниците“, изјавил 65-годишниот Тамаш Шабо, пренесува Ројтерс.
„Дојдов да им покажам среден прст на владата“, рекол студентот Адам, кој не сакал да го соопшти целото име.
Граѓаните биле највознемирени од законот за работни односи, со кој на работодавачите им се овозможува да бараат и до 400 часа годишно прекувремена работа од своите вработени.
Групите за човекови права во меѓувреме посочуваат дека новиот закон за административните судови може да води до политичко влијание врз судската власт, обвинување кое властите го негираат.
Орбан наруши многу од демократските контролни механизми откако дојде на власт во 2010 година, пополнувајќи ги судовите и регулаторните институции со лојални функционери и претварајќи ги големиот дел медиуми во пропагандни средства. Во последниот период во Унгарија беше затворен и Универзитетот ЦЕУ.
Меѓународните партнер засега не успеваат да ја оневозможат унгарската власт во овие дејствија. Орбан денеска е во Брисел, на ЕУ самитот на кој ќе се разговара за „Брегзит“, еврозоната, миграцијата, Русија и други прашања.
Во септември Европскиот Парламент изгласа санкции против Унгарија за нарушување на ЕУ стандардите за демократија, граѓански права и борба против корупцијата.
Анкетите во земјата покажуваат дека Орбан останува со висок рејтинг кај граѓаните на Унгарија и дека неговата партија има поголема поддршка од сите нивни политички опоненти заедно.