[Видео] Панел дискусија „Безбедни простори за млади во Македонија?!“

„Безбедни простори за млади во Македонија?!“ е насловена дискусијата која по повод Меѓународниот ден на млади, се емитуваше денеска на Радио МОФ. Гости во студиото беа Сефер Селими од „Демокраси лаб“, наставничката Виолета Митовска од ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ и Зорица Николова од сигурната куќа за ЛГБТИ лица.

Зорица Николова, која е координаторка на сигурната куќа за ЛГБТИ лица, зборуваше за потребата од овој простор, но и за општеството кое тешко ги прифака младите со поинаква сексуална определба.

„За жал и денес има семејства кои ги бркаат од дома своите деца поради нивната сексуална ориентација“, рече Николова.

Таа посочи дека кај нив досега биле сместени 19 лица, главно од помалите градови, но потсети и дека голем проблем со кој се соочуваат е недостастигот на поддршка од институциите за овие лица.

„Сите се соочуваме со истиот, финансиски, предизвик – како да се одржи за идните генерации. Тоа што треба да се работи е освестување за потребите и за отворање на повеќе центри низ целата земјата“, рече таа.

Сефер Селими од „Демокраси лаб“, зборуваше за новиот културно социјален центар кој неодамна се направи во Тетово, со нивна поддршка, како и за потребата од ваквите простори за активирање на младите.

„Имаме апатија кон волонтерството и активирање на младите да станат активни чинители во општетството. Нашиот концепт е да се најдат напуштени згради кои стојат неискористени и да се трансформират во места кои ќе им служат на младите или заедницата. Местото сега е на располагање на самите волонтери кои беа вклучени во трансформацијата. Нашата цел е да им помогнеме да се органинзираат и да одлучуваат какви активности ќе се прават во тие простори“ рече Селими.

За добробит на младите, тој посочи дека ни е потребно одржливост на граѓанското движење, но и свесност на приватните компании и институциите.

„Ние на крајот на денот ја вршиме работата што институциите треба да ја вршат. Државата се уште се фокусира само на инфраструктурни проекти, не размислува на долг рок да инвестира во развој на свеста на заедницата“, рече тој.

Виолета Митовска,од ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ зборуваше за стеротипите со кои се соочуваат во училиштето каде учат главно деца од ромски семејства, како и за успешниот проект „Рома рок скул“ во кој ученици учат да свират рок музика со примеси на ромскиот мелос.

„ Само 12 студенти Роми дипломирале музика во Македонија. Тоа беше мотивација за директорот Алвин Салимовски да ја почне идејата со Рома рок скул“, рече Митовска.

„Проектот беше мотивација учениците да си ги подобрат успесите на училиште. Прво родителите беа скептични, но кога почнаа пробите, имаше голем интерес кај децата да свират“, рече таа.

Во своето излагање ги повика надлежните да ги поддржат успешните проекти кои се спроведуваат во училиштата со помош на невладините, за што е можно повеќе деца да се вклучат во нив и да ги почувствуваат придобивките.

„Придобивките не се само за учениците, родителите и наставниците, туку и за целото општество кое ќе има младина што ќе го тера напред“, забележа таа.

Меѓународниот ден на младите оваа година се одбележува на темата „Safe Spaces“ – безбедни простори за млади, со посебен фокус на младите од ранливите групи. Во моментов има околу 1,8 милијарди млади луѓе на возраст од 10 до 24 години во светот, најмногу досега. Но, 1 од 10 деца во светот живеат во конфликтни зони, а 24 милиони од нив се надвор од училиштето.

Обединетите нации, годинава фокусот на прославата на Меѓународниот ден на млади го ставија на потребата од “безбедни простори“ кадешто младите можат да се здружат, да се вклучат во активности поврзани со нивните различни потреби и интереси, да учествуваат во процесите на донесување одлуки и слободно да се изразуваат, и кои особено ќе ги вклучат и ќе се прилагодат на младите од ранливите групи.

Потребата од „безбедни простори“ за млади се најде и во повеќе меѓународни документи како Агендата за одржлив развој од 2030 година (Цел 11), во Новата урбана агенда (НУА), а Светската програма за акција за млади (WPAY), која е рамка на ОН за развој на младите, даде приоритет на обезбедувањето на “рекреативни активности” за  добробит за младите.

Ј.Ј.