Над 200 полициски специјалци рано утринава околу 2.00 часот (12 септември) учествуваа во акција за апсење на десетмина активисти кои кампуваа во паркот кај хотелот „Бристол“ и го уништија нивниот импровизиран камп. Според неофицијалните информации, меѓу приведените е еден советник во општина Центар, како и директорот на ЈП „Паркинзи на општина Центар“Саша Богдановиќ , пишува А1ОН.
Откако најпрво се појавиле „алфи“, кои ги привеле активистите, пристигнале стотина припадници на специјалните единици, кои почнале со уништувањето на поставените шатори и оградување на просторот, каде власта има предвидено да се гради објектот на Советот за радиодифузија во барокен стил.
Според сведочењата на уапсените, не им била соопштена причината зошто се приведени, а биле држени во притвор околу пет часа, пред да бидат пуштени од полициската станица Пролет со прекршочни пријави за нарушување на јавната чистота.
Освен пред Бристол, силни полициски сили ноќеска имало и по другите улици низ центарот на Скопје, како и од сите страни на Собранието. Полицијата не и дозволила снимање и го одзела фотоапаратот на екипата на А1ОН, за по легитимирањето да го врати, со напомена дека е забрането да се слика и снима. Дел од полицајците потврдиле дека се повеќе од двесте на број и дека се донесени од другите градови.
„Паркобраните“ протестираа против масовното сечење на дрвјата во центарот на Скопје и се обидуваа да спречат натамошно деградирање на јавниот простор со изградба на уште една административна зграда.
Видео на А1ОН: