Потребна е поголема едукација на младите за да ја препознаат корупцијата и активно да делуваат во борбата против корупцијата – не постои промена на општеството без практично делување, вели Миша Поповиќ, проектен координатор во Институтот за демократија во подкастот на Младинскиот сојуз кој се спроведува во рамки на Проектот „Leaders (DO NOT) cheat“.
Поповиќ, кој според анализата на Младинскиот сојуз, младите го препознаваат како предводник во борбата против корупција и секогаш гласен коректор на коруптивните појави во земјава, вели дека Македонија е земја со изразени ризици од висока корупција и земја која има значителна пракса на корупција, дури и на секојдневно ниво што доста влијае и врз младите.
„Корупцијата влијае врз младите на многу начини, како што влијае и врз другите делови од населението. Но, она што е значајно за младите е дека креира чувство на безизлезност, односно кога младите преминуваат од студенти или средношколци во сфера на барање работа, на интеракција со институции, на интеракција со системот тие се соочуваат со еден таков ѕид и го доживуваат на своја кожа она за кое претходно додека растеле слушале дека не функционира. Тоа ја урнисува довербата која младите ја имаат во институциите.“, вели Поповиќ.
Поповиќ смета дека има повеќе начини како младите може да се вклучат во борбата против корупцијата, но најважна е информираноста.
„Треба да се информираат што е корупција бидејќи нашите истражувања покажуваат дека младите не секогаш знаат да ја препознаат корупцијата. Главно е дека судирот на интереси која е една од состојбите кои може да доведат до корупција и тргувањето со влијание се релативно непрепознаени како форми преку кои се заработуваат најмногу пари со корупција. Таа зголемена информираност на младите ќе помогне на подобро оценување на тоа што се случува во политиката,“ смета Поповиќ. Според него е клучна и поголема едукација на младите за зголемена демократија, односно како младите да ги демократизираат организациите или движењата каде делуваат.
Целиот видео подкаст може да го погледнете на следниов линк:
Овој подкаст е дел од серијата подкасти кои се спроведуваат од страна на Младинскиот сојуз, а со поддршка на Националниот демократски институт (НДИ) и НЕД во рамки на проектот „ Leaders (DO NOT) cheat “. Целта на овој Проект е промовирањето на младинската активност и подигањето на гласот на младите.