Со масовна излезност на маршот за чист воздух, Македонија денеска се приклучи на глобалните протести против климатски промени. Граѓаните понудија конкретни мерки, кои бараат државата да ги преземе за да го реши проблемот со аерозагадувањето. Младите вечерва го предводеа маршот кој започна пред Министерството за животна средина, а заврши пред Влада. Во продолжение, прочитајте дел од нивните говори:
Јана Наскова
Кога делев флаери за протестот, и дадов флаер на една постара госпоѓа. Ја прашав дали ќе дојде да не поддржи тука вечер. Ми кажа „не можам, ќе ми направат проблем од работа“. Тоа е тој македонски менталитет од кој си патиме – наведната глава сабја не ја сече.
Само да ви кажам, од овој проблем, колку и да ја веднеме главата нема да избегаме. Ти ведни ја главата колку сакаш, пак ќе го дишеш истиот отров како сите.
Овој проблем не се решава со купување маски од аптека, овој проблем не се решава со прочистувачи за воздух од 600 евра. Овој проблем не се решава со криење во оваа одвратна шампита.
Сега ќе ви кажам што може да направиме, имаме две опции – едната опција е да се затвориш сам дома и да се угушиш, а другата е сите заедно да се сплотиме и да излеземе на улица и да го решиме овој проблем еднаш засекогаш. Можеби наведната гава сабја не ја сече, ама наведната глава у секој случај добива рак на плуќа од ПМ 10 честици.
Коста Барсов
Тука сме излезени затоа што секоја година како што поминува ние ја гледаме истата приказна. Аерозагадувањето е консантен проблем и тие не власт не го решаваат.
На нив не им е гајле што луѓето мора да се грижат дали ќе може да го отворат прозорот бидејќи може да се угушат. На нив не им е гајле што родителите се грижат да ги пуштат децата да излезат надвор затоа што може да се разболат. На нив не им е гајле што мораме да носиме маски кога излегуваме надвор.
Не им гајле што живееме како да сме во Чернобил. Но, тоа не треба да е така, тоа не мора да е така.
Се додека овие проблеми не се решат и не се воведат итни ефективни и радикални мерки против аерозагадувањето, ние ќе бидеме излезени тука. Се додека во дворовите на Охис има закопани опасни и отровни хемикалии, ние ќе бидеме излезени тука.
Се додека не ни се исполнат барањата, ние ќе бидеме излезени тука и ќе ја покажуваме нашата граѓанска непослушност, ќе блокираме улици и ќе им кажеме идете у ПМ.
Ако на власта и треба помош за да ги воведе овие радикални мерки затоа што е некомпетентна, ние имаме создадено голема листа на барања кои треба да се остварат ако сакаме да живееме во чиста околина со чист воздух.
Се додека не ги воведе овие права, власта ни го прекрушува уставното право за чиста околина. Секоја власт која ни го прекршува ова право е нелигитимна и не ги претставува луѓето.
Тие ни држат пиштол над главата, пиштолот е аерозагадувањето.
Сега доаѓа дали ќе седиме мирни и ќе чекаме пуштолот да пукне, или ќе излеземе и ќе се бориме.
Филип Петрушевски
Секојдневно одењето во училиште претставува закана за моето здравје дишејќи го загадениот воздух кој надвиснал над нашиот град. Непосдносливо е!
Чад, издувни гасови од возила и фабрики го загрозуваат моето, нашето здравје. Доста е!
Мора да преземеме мерки да го спречиме загадувањето, радикални чекори. Да го спречиме подемот на смртни случаи од болести на дишни органи предизвикани од загадувањето на воздухот.
За таа цел, јас како млад човек како дел од иднината го преземам тој чекор денес. Денес да направам промени што ќе придонесат за почист воздух. Гласно велам – Сакам да дишам!
Сите говори може да ги слушнете во видеото на Радио МОФ:
Воедно, атмосферата од синоќешниот марш:
#МаршЗаЧистВоздух #ЗеленаРеволуција
Posted by Шаше Bojan Shashevski on Friday, 29 November 2019
#ЗеленаРеволуција
Posted by Шаше Bojan Shashevski on Friday, 29 November 2019
#ЗеленаРеволуција #МаршЗаЧистВоздух
Posted by Шаше Bojan Shashevski on Friday, 29 November 2019