[Видео] Портрети на македонски писатели – Владимир Јанковски

Центар-Јадро го објави петтиот видео портрет посветен на писателот Владимир Јанковски, со кој ја продолжува серијата на видео портрети од современи македонски писатели.

Владимир Јанковски (Скопје, 1977) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Има објавено осум книги: „Ехото на акробатите“ (роман, 2024), „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“ (2023), „Скриени желби, немирни патувања“ (роман, 2020), „Невидливи љубови“ (роман, 2015), „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град“ (фотоесеи, заедно со Иван Блажев, 2010), „Скопје со широко отворени очи (фотоесеј, заедно со Иван Блажев, 2008) и „Огледало за загатката; разговори со Влада Урошевиќ“ (2008).

Ракописот со наслов „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски е добитник на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година. За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ и бил македонски кандидат за наградата за литература на Европската Унија, а за „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“. Активно се занимава со книжевен превод. На македонски јазик превел дела од: Дубравка Угрешиќ, Миљенко Јерговиќ, Драго Гламузина, Кристијан Новак, Светлана Слапшак, Чарлс Буковски, Ден Роудс, Филип К. Дик, Сузан Сонтаг, Зоран Фериќ, Огнен Спахиќ, Андреј Николаидис, Мухарем Баздуљ, Слободан Шнајдер и други.