Центар-Јадро го објави четвртиот видео портрет посветен на писателката Хана Корнети, со која ја продолжува серијата на видео портрети од современи македонски писатели.
Хана Корнети (1992, Скопје) е автор на книгата за деца „Илина и шумските тролови“ (2023, Или-или) и збирката раскази „Млечни заби“ (2021, Или-или), неколку раскази објавени на англиски во странски онлајн списанија и две детски пиеси.
Се работи за млада, но и наградувана авторка. Нејзиниот расказ „Исчезнувањето на дамата“ е награден на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ и ја доби наградата на „Конкурсот за драмски текст“, распишан од Здружението на драматурзи и сценаристи на Р. Македонија и Драмски театар – Скопје со драмскиот текст „Патот на Баба Јага“.
Дипломирала паралелно Философија и Историја на ОДТУ, Анкара, а магистрирала Културолошки студии на универзитетот Сабанџи, Истанбул. И Македонија и Турција ѝ се дома. Исто така, се занимава и со аматерска авторска музика.