Конзерваторска група го снимила видеото по топлотниот бран во северозападниот дел на Пацификот, откако температурите на водата надминаа 21 степен , пренесува „Гардијан“.
Лососите во реката Колумбија беа изложени на неповолни водни температури што предизвикаа на рибите да избијат црвени лезии и бели габи. Рекордниот топлотен бран што го зафати северозападниот дел на Пацификот е причината за повредите на рибите кои беа снимени од група на конзерватори.
На видеото објавено од страна на непрофитната организација „Колумбија Риверкер“, група лососи пливаат во реката, а може да се забележи дека се покриени со повреди за кои конзерваторите велат дека се резултат на стрес и затоплување.
„Океанските лососи патувале спротиводно во реката Колумбија, за да се вратат во областите за мрестење, но неочекувано го промениле курсот“, објасни Брет ВанденХевел, извршен директор на „Колумбија Риверкер“.
Тој опишува како групата риби го сменила правецот и тргнала кон реката Мал бел лосос, притока на реката Колумбија каде што е снимено видеото, во обид да „избегаат од запалена зграда“.
Групата конзерватори го снимила видеото документирајќи го топлотниот бран на ден кога температурите на водата биле над 21 степен Целзиусов, смртоносна температура за овие риби, доколку се изложени на неа подолго време. Законот за чиста вода забранува пораст над 20 степени во реката Колумбија.
Лососите во видеото нема да можат да се мрестат во притоката и се очекува да умрат од болест и топлотен стрес.
Оваа сцена е уште еден пример за трагичниот данок што го зема неодамнешниот топлотен бран, во кој загинаа стотици луѓе преку северно-западниот дел на Пацификот и Канада, бран кој веројатно предизвика повеќе од една милијарда морски животни да угинат, а придонесе и за пожари низ целиот регион.
Но, ВанденХеувел вели дека инцидентот го надминува топлотниот бран, а дополнително се влошува од бројните брани кои со децении ги задржуваат протоците на вода низ Вашингтон со што допринесуваат и за зголемена температура на водата.
Член на „Колумбија Риверкер“ ја сними сцената на почетокот на овој месец, како дел од напорите на организацијата да го следи напредокот на лососите во покачените температури.
ВанденХеувел истакнува дека е рано да се каже колку точно лососи умреле како резултат на врелата вода. Но, сè уште има десетици илјади риби во реките Колумбија и Долна Змија, а како што притоките ќе стануваат потопли во следните два месеци, многу повеќе риби ќе може да угинат. Со оглед на тоа што лососите во реката Змија веќе се сметаат за загрозени, угинувањето на мал дел од нивната популација може да има ужасни последици.
ВанденХеувел потсетува дека неколку дена по снимањето на видеото, видел како лососот страда на сличен начин и во другите притоки. Тој дури забележал неколку трупови од лосос во водата.
„Вознемирувачко е да се гледа како животните умираат. Ова е проблем предизвикан од човекот и навистина ме тера да размислувам за иднината “, забележува тој.
Дон Сампсон, член на Конфедералните племиња на Индијанската резервација Уматила и член на советнички одбор на Алијансата на племенски лосос во Северозапад, опишува дека видеото буди исти емоции како кога ќе починат негови блиски лица.
„Се чувствував многу лошо. Мислам дека заплакав“, истакнува Сампсон, кој исто така е поглавар на племето Вала Вала.
Тој ја споредува ситуацијата со 2015 година, кога околу 250.000 лососи починале во реката Колумбија по жешкото лето.
Сампсон предвидува дека ситуацијата само ќе се влошува и вели дека од витално значење е остварување на предлогот за уривање на четири брани во Вашингтон.
„Навистина е ужасно што имаме решенија за заштита на лососите, но не ги остваруваме. Немаме политичка волја за да го заштитиме лососот за идните генерации“, вели тој.