Давид Калимановски е ученик од АСУЦ „Боро Петрушевски“. Тој има 17 години, многу сака коли, а животна желба му е еден ден да има свој сервис за технички преглед на возила. Оттука, Давид секој петок оди на редовна пракса по концептот „Учење преку работа“, за да може да ги надгради своите стручни вештини и биде спремен за пазарот на трудот.
Ваквиот дуален модел на образование му дава предност и на него, но и на работодавачот, кој добива квалификуван ученик кој потоа директно може да го вработи.
Дуалното образование ја зајакнува соработка и меѓу компаниите и стручните училишта. Од АСУЦ потврдуваат дека се отвораат дуални паралелки, каде ќе бидат стипендирани ученици за нови профили од типот на „монтер за моторни возила“ и „техничар за возила на алтернативен погон“. Ова второто е важно бидејќи по 2030 година нема да се произведуваат бензински мотори, туку возилата ќе бидат на електричен погон.
Оттука, за АСУЦ иднината е во ваквите струки, кои биле во замрување, но сега се запишуваат по 250 ученици во прва година, а не како по 100-ина во минатото. Со современата пракса и новите модели велат дека успешно ги мотивираат учениците да се запишуваат во стручно образование, наместо гимназиско.
Бојан Шашевски