Приказната за солидарноста, самоорганизацијата и самоодржливоста на активистите кои го создадоа и одржуваат Автономниот културно социјален центар во Скопје доби кратко видео.
Авторот на видеото, Ѓорѓе Ѓорѓевиќ во три минути се обидува да ја раскаже приказната за центарот и како што вели, „ колку малку е потребно за пoттикнување на нова иницијатива и една идеја да стане реалност“.
– Ова е приказна како со силна желба и заедничко здружување, може да се донесе промена во општеството. АКСЦ е можеби сè уште мал простор ама е голема идеја, која се шири, вели Ѓорѓевиќ.
Видеото, кое може да го погледнете во продолжение, е резултат на тренингот за видео активизам одржан од видео продуцентката Ени Ескобар наречен „Awake Storytelling” , во организација на Младински образовен форум — МОФ.
Aвтономниот културно-социјален центар (АКСЦ) деновиве се подготвува да го преживее летото. Како што најавуваат оттаму, утре во 21:00 часот во Ла Кања (Стара Чаршија), ќе се одржи донациска забава за собирање на средства наменети за одржување на центарот. Повеќе информации за настанот се достапни на следниот линк.
К.О.