Средношколски пленум – Битола на својата фесјбук страница објави видео на кое се гледа како наставници се обидуваат да ги спречат средношколците да учествуваат на денешниот марш.
Според средношколците кои ги контактиравме, видеото е направено пред средното медицинско училиште „д-р Јован Калаузи“. Радио МОФ се обиде да го контактира и училиштето, но засега оттаму нема одговор за обвинувањата на средношколците.
Средношколците во Битола денеска излегоа на прв протестен марш поради, како што велат, лошите реформи во образованието. Маршот започна од средното медицинско училиште, „Д-р Јован Калаузи“, по што средношколците преку Широк Сокак стигнаа до општина Битола, каде до надлежните ги доставија своите две главни барања за укинување на екстерното тестирање и за враќање на стариот модел на државна матура.