[Видео] Протест во Белград поради трагедијата во Нови Сад, опозицијата бара оставка од владата

Неколку илјади луѓе се собраа вчера во Белград на нов протест на кој бараат оставка од премиерот и владата, која ја сметаат за одговорна за трагедијата во Нови Сад во која загинаа 14 претежно млади луѓе, а тројца беа тешко повредени во уривањето на натстрешницата на железничката станица на 1 ноември, пренесува Ал Џазира Балканс.

Средбата започна пред Владата на Србија, од каде беше планирана прошетка до претседателската резиденција.

„Организаторите од редовите на опозицијата бараат оставка од премиерот Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ. Бараат увид и во документацијата за реконструкција на железничката станица во Нови Сад, како и за утврдување кривична одговорност за падот на настрешницата која однесе 14 животи. Демонстрантите исто така повикуваат на ослободување на активистите уапсени во претходните протести“, истакна Петар Алимпијевиќ, репортерот на Ал Џазира Балканс.

Надлежните тврдат дека настрешницата не била дел од реконструкцијата на станицата, додека во јавноста и на социјалните мрежи се објавуваат фотографии и видеа на кои се гледа работата на настрешницата, заедно со бројни верзии и толкувања за тоа што би можело да биде причината за нејзиниот пад.

Вечерашниот протест е трет по ред откако минатата недела илјадници луѓе излегоа на улиците во Нови Сад, а потоа беше блокиран и Варадинскиот мост. На тие протести беа уапсени десетина активисти, додека опозицијата и невладиниот сектор ја обвинуваат власта дека ангажирала група маскирани хулигани кои го демолирале градското собрание, а потоа ги растерале, без полицијата да реагира или да ги уапси.

„Имаме голема трагедија, граѓаните се изнашетаа, се знаат точните адреси на кои седат најодговорните луѓе – тоа е Владата и Претседателството“, изјави Срѓан Миливојевиќ, претставник на Демократската партија во српскиот парламент.

Меѓу барањата на граѓаните кои протестираа е итно апсење на сите одговорни за, како што велат, „убиството на 14 лица“ врз кои се урна настрешницата на станицата во Нови Сад.

Опозициските партии бараат и вонредна контрола на сите инфраструктурни проекти кои се започнати или работени во последните десет години, меѓу кои и зградата на железничката станица во Белград, за која тврдат дека нема употребна дозвола, а официјално е отворена на 20 октомври минатата година.

Закажувањето на денешниот протест во Белград предизвика критики кај некои новосадски партии, кои сметаат дека протестите треба да се одржат во Нови Сад, каде што се случи трагедијата.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, во рамки на истрагата за несреќата во станицата, сослуша најмалку 53 лица за да се утврди степенот на кривична одговорност за уривањето на настрешницата. Досега оставка поднел само министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, велејќи дека тоа го прави „од морални причини“, но дека не се чувствува виновен за смртта на 14 лица.

Највисоките државни функционери, меѓу кои премиерот Милош Вучевиќ и претседателот Александар Вучиќ, порачаа дека оставката на Весиќ нема да биде единствена, бидејќи освен кривична, се очекува и политичка одговорност за несреќата.

[Видео] Илјадници граѓани протестираа во Нови Сад по трагедијата на железничката станица – демолирано Градското собрание

[Видео] Граѓани и активисти блокираа мост во Нови Сад во знак на протест по трагедијата во која загинаа 14 луѓе