Француските законодавци вчера започнаа расправа за предлог-законот што може да забрани објавување на фотографии од лица на полицајци, предизвикувајќи протести во Париз и во други француски градови, јавува „Франс 24“. Француските безбедносни сили веќе долго време се соочуваат со обвинувања за употреба на брутални тактики за справување со демонстранти, но исто така и кога се конфронтираат или апсат индивидуалци.
Центристичка влада на претседателот Емануел Макрон сега предложни нов закон за „сеопфатна безбедност“ што ќе воспостави реформи како давање поголема автономија на локалната полиција и потенцијално вооружување на повеќето од нив, како и проширување на употребата на надзорните беспилотни летала во области каде има зголемен криминал.
Со законот, што важи и за обичните граѓани и за новинарите, кривично дело би било доколку се објавуваат лица на полицајци, освен ако тие не се заматени. Објавувањето на социјалните мрежи или на некое друго место со цел да се поткопа „физичкиот и психолошкиот интегритет“ на службеникот може да се казни со една година затвор или парични казни до 45.000 евра, пишува „Франс прес“.
Новинарите и организациите за заштита на човековите права се спротиставија на ваквиот предлог и излегоа на улиците кога пратениците ја започнаа дебатата, а нив им се придружија демонстрантите од движењето „Жолти елеци“ и жртви на полициско насилство. Вакви демонстрации се одржаа во Париз, Бордо, Лион, Гренобл и во други француски градови.
Во Париз, полицијата употреби водени топови и солзавец во близина на Собранието, кога голем број млади демонстранти започнаа да оштетуваат имотот кон крајот на протестот кој претходно помина мирно.