Илјадници демонстранти продолжија да протестираат во раните утрински часови денеска во Тбилиси поради контроверзниот закон за „странски агенти“ што владејачката партија Грузиски сон го протурка во парламентот претходниот ден и покрај неколкунеделните протести и критики од САД и Европската Унија, пренесува Радио Слободна Европа.
Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили која изрази поддршка за мирните протести, вети дека ќе стави вето на законот во рок од 10 дена.
Меѓутоа, доминантната позиција на партијата Грузиски сон и нејзините партнери во парламентот е доволна за да се надмине ветото на претседателот.
Зурбашвили за денеска најави прес-конференција со министрите за надворешни работи на Латвија, Литванија, Естонија и Исланд кои престојуваат во Тбилиси.
Демонстрантите маршираа од зградата на парламентот на околу два километри до плоштадот на хероите, главната раскрсница во грузискиот главен град, каде полицијата приведе најмалку 10 лица.
Пратениците вчера гласаа со 84 „за“ и 30 „за“ во третото и последно читање на предлог-законот предложен од партијата Грузиски сон, кој ја искористи контролата врз безбедносните сили за насилно да ги разбие демонстрациите во последните недели користејќи водени топови, солзавец и гумени куршуми.
Илјадници демонстранти, главно млади луѓе, се собраа пред парламентот пред гласањето.
По веста дека законот е конечно одобрен, гневните демонстранти пред парламентот се обидоа да ги скршат металните бариери во близина на зградата, па потоа полицијата ги нападна. Уапсени се најмалку 13 лица.
Пред гласањето, во парламентот изби тепачка меѓу пратениците на Грузиски сон и опозицијата, а на телевизиските снимки се гледа како пратеници се туркаат и се удираат со тупаници.
Нацрт-законот беше осуден од САД, Европската Унија и организациите за човекови права поради сличностите со рускиот закон што го користеше претседателот Владимир Путин за да ја потисне опозицијата и да ги задуши независните институции.
Мисијата на Обединетите нации во Тбилиси предупреди дека усвојувањето на законот „ја загрозува слободата на изразување“ и ги повика властите да го истражат насилното постапување кон демонстрантите.
Премиерот од партијата Грузискиот сон Иракли Кобахидзе ги обвини демонстрантите дека „ја следат агендата на политичкото малцинство“ и ги обвини дека покажале „голема неодговорност“ кон својата земја.
Претседателката Зурабишвили за Си-Ен-Ен изјави дека со оглед на „монолитно мнозинство“ со кое се соочува, нејзиното вето ќе биде само „симболично“. Таа, сепак, инсистираше на тоа дека единствениот начин да се „свртат руските закони“ е проевропските партии да победат на општите избори во октомври.
Масовните собири против законот се едни од најголемите протести што ја потресоа Грузија по нејзината независност.
Според законот, медиумските куќи, невладините и другите непрофитни организации ќе мора да се регистрираат дека „работат за интересите на странски сили“ доколку повеќе од 20 проценти од нивното финансирање доаѓа од странство.