Шумски пожар над Кочани се шири кон градот, а граѓаните на социјалните мрежи споделуваат видеа и фотографии од пожарот кој е блиску до првата линија куќи во градот. Неколку куќи веќе се зафатени од пламените јазици.
Како што јавуваат македонските медиуми, противпожарни возила се веќе на терен, а во гаснењето на пожарот се вклучени и граѓани.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев за „360 степени“ изјави дека постои голема опасност за градот од три страни и дека огнот се гасне со пет противпожарни возила, додека едно возило изгорело.
„Веќе се зафатени повеќе куќи, во непосредна близина има борова шума која е зафатена, се шири во неопределен правец, на каде ќе дувне ветер. Едно возило од противпожарната единица ни го зафати огнот. Во регионов во секое населено место има пожари, не може никој да ни излезе во пресрет, состојбата е очајна. Разговарав со ЦУК повеќе пати, ги молев да ни дадат еден хеликоптер. Нема и нема. Не знам што ќе ни даде ноќта“, изјави Илијев за „360 степени“.
Кочани Гори 🔥 улица Васил Главинов е нај погодена и сите кои можат да помогнат се упатени таму. Граѓаните бегаат од населбата и ги напуштаат куќите за да не се угушат од чадот. Ветерот е многу силен. 🙏🚨 pic.twitter.com/ERwBTilhes
— Boban Alex. (@BobanAlexGFX) August 2, 2021
Радио МОФ се обиде да стапи во контакт со Центарот за управување со кризи, како и регионалниот центар во Кочани, но безуспешно.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) пак, упатија апел до сите граѓани да се вклучат доброволно на местата каде што е неопходно и директно да ја известат дирекцијата за пожари на територијата на земјата.
„По избувнувањето на повеќе пожари низ источниот и југоисточниот дел на државата, Дирекцијата за Заштита и Спасување одржи итен состанок со цел мобилизација на тимовите за заштита и спасување од пожари како и вработените на ДЗС и ПОЗС. Од Директорот Беким Максути дадена е наредба за мобилизација на тимовите за пожари, Валандово, Виница, Берово, Битола, Гостивар, Куманово и Скопскиот тим Карпош. Предложено да се вклучат и доброволните противпожарни друштва. Вработени од ДЗС по координацијата се упатени кон загрозените подрачја, како што се Старо Нагоричане, с. Бели Кочани и с. Новаци Битола со цел проценка, координација и помош на загрозените подрачја“, стои во соопштението на ДЗС.
Инаку, ЦУК претходно информираше дека на територијата на Северна Македонија се активни неколку пожари, а извести и за можни жаришта.