По можеби најчудната година во нашите животи, луѓето низ целиот свет се подготуваат да ја пречекаат новата година со надежи дека 2021 ќе ја врати нормалноста во нашите секојдневија.
Новата година веќе стигна во Нов Зеланд и нивните соседи во Океанија. Во Оукленд покрај импресивниот огномет од „Небесната кула“, со ласери беше осветен и Оуклендскиот мост.
По неа 2021 ќе ја пречекаат жителите на Австралија, каде пристаништето во Сиднеј ќе засвети од светлата на огнометите во 14 часот по македонско време. Потоа новата година ќе ја пречекаат жителите на Азија, па Европа и на крајот луѓето кои живеат во Северна и Јужна Америка.
Оваа година најголемиот број светски држави ги повикаа граѓаните да останат во своите домови или да празнуваат претпазливо поради опасноста од ширење на Ковид-19.
Во Велика Британија, на пример, граѓаните се повикани да останат во своите домови. Во Франција на улиците ќе бидат распоредени 100.000 полицајци за да се спречат масовни групирања, забави и прослави. Во Њујорк, пак, централниот плоштад Тајмс Сквер вечерва ќе биде затворен за јавноста.
На следното видео погледнете дел од атмосферата од дочекот на 2021 година во Оукленд, Нов Зеланд.