Со свечена церемонија вчера беа отворени Летните олимписките игри во Париз. Свеченото отворање беше уникатно бидејќи за разлика од вообичаената програма на олимписки стадион, овојпат се одржа на реката Сена и на плоштадот Трокадеро, јавува Радио Слободна Европа.
Помеѓу 6.000 и 7.000 спортисти (од вкупно 10.714), кои ги претставуваат земјите-учеснички, продефилираа во 85 чамци на Сена во боите на нивната делегација, од мостот Аустерлиц до Ајфеловата кула и Трокадеро.
Во уметничкиот дел од церемонијата учествуваа околу 3.000 танчери, музичари и актери.
Париз е домаќин по трет пат во историјата, по 1900 и 1924 година, и со тоа на чело му се придружува на Лондон, кој исто така трипати ги организирал Игрите, во 1908, 1948 и 2012 година.
На Игрите учествуваат 10.714 спортисти, во 32 спортови, од 206 земји и територии, дополнително и група спортисти кои ќе се натпреваруваат под знамето на МОК, како и тим составен од бегалци. Поради војната во Украина, Русија и Белорусија не учествуваат во екипните спортови.
Македонија ќе настапи со шест натпреварувачи во пливање, стрелаштво, атлетика, борење, џудо и теквондо.
Летните олимписки игри траат до 11 август.