Стотици демонстранти ја нарушија строго забранетата зона во Багдад и упаднаа во зградата на парламентот.
Според странските медиуми, полицијата се обидувала да ги разбие демонстрантите со солзавец и водени топови, а во парламентот немало присутни пратеници.
Демонстрантите успеале да влезат во строго заштитената „Зелена зона“, каде се наоѓаат голем број на важни политички објекти, меѓу кои и странските амбасади. Безбедносните сили најпрво успеале да ги спречат граѓаните да упаднат во парламентот, но по некое време тие сепак успеале да влезат во законодавниот дом.
Станува збор за приврзаници на свештеникот Муктада Ал-Садр, кои се противат на предложениот нов премиер.
Политичкиот сојуз на Ал-Садр освои најмногу пратеници на парламентарните избори минатиот октомври, но не се на власт поради политичката блокада која следуваше по гласањето.
Актуелниот премиер на Ирак, Мустафа Ал-Кадими, ги повика демонстрантите да го напуштат парламентот, додека тие пееја песни, играа и лежеа на масите во објектот.
Немирите се случуваат по деветмесечна политичка блокада, во која конфликтите помеѓу различните политички партии спречија создавање на нова влада.
Ал-Садр, кој е шиитски свештеник и се против на американската интервенција во Ирак, прогласи победа на изборите на неговото политичко движење Шерун, но се покажа дека е невозможно да се создаде нова владина коалиција откако тој одбиваше да соработува со конкурентските партии.
Тој и неговите приврзаници се противат на кандидатурата на Мохамед Ал-Судани за премиер, бидејќи веруваат дека тој ќе биде во многу блиски односи со Иран.
Вчерашните сцени беа потсетник на повеќето кризи со кои се соочуваше Ирак изминативе години. Во 2019 година избија масовни протести поради јавниот револт од високата корупција во земјата, невработеноста и јавните услуги. Тогаш, според „Хјуман Рајтс Воч“ стотици луѓе беа убиени од безбедносните сили.