Неколку стотици илјади граѓани вчера протестираа во центарот на Мадрид во поддршка на регионалниот јавно-здравствен систем, за кој велат дека се наоѓа во опасност од конзервативната регионална власт.
На протестот се приклучија многу познати уметници, политичари, синдикалци и здравствени работници.
Снимки од воздухот покажуваат дека булеварите кои водат до општинската зграда беа преполни со демонстранти кои доаѓаа од сите правци.
Синдикалните организации велат дека примарното здравство во Мадрид е под голем притисок последните неколку години поради недостаток на ресурси и кадар, како резултат на мерките за штедење воведени за време на финансиската криза во Шпанија пред една деценија. Претставници на синдикатите велат дека здравството се влошило поради лошото менаџирање и дека регионалната влада сака да го реструктуира системот дополнително со цел да овозможи повеќе јавно-приватни партнерства во здравствениот сектор.
„Тоа што го прават е катастрофа без преседан. Постои едноставен начин да се задржат професионалците, а тоа е да има добар однос кон нив – да им се даваат договори на неопределено време, а не само договори на еден месец, недела, или само викенд. Кога владата е неспособна да го стори тоа, причината е дека на сцена е одреден политички интерес“, вели Моника Гарсија, претставничка на крајно левичарската партија „Мас Мадрид“.
Според порпаролот на регионалната влада, на собирот имало околу 200.000 демонстранти, но организаторите велат дека бројката на луѓе била три пати поголема од тоа.
Покрај поголеми инвестиции во здравството, на протестот беше побарана и оставка од Изабел Диаз Ајусо, претседателка на регионалната влада.
Протестот доаѓа и пред планираниот штрајк најавен за 21 ноември, на кој скоро 5.000 матични доктори и педијатри ќе демонстрираат поради, како што велат, преголемиот обем на работа, големиот број на закажувања и недостатокот на време да се посветат на нивните пациенти.