Повеќе стотици демонстранти се притворени за време на вчерашните протести кои, и покрај забраната од властите, се одржаа во повеќе градови низ Белорусија на Националниот ден на слободата.
На снимките може да се види како вооружените полициски сили во Минск употребуваат насилство против демонстрантите кои извикуваат „Фашисти“. Низ земјата биле распоредени и водени топови, а интернетот бил целосно исклучен.
Јавното изразување незадоволство на повеќе места траело до доцна синоќа.
Организаторите ги нарекоа протестите „Ден на слободата“. Тие се обиделе да маршираат низ централната улица во главниот град Минск, но биле блокирани од полицијата која почнала да ги апси заедно со новинарите кои го следеле протестот, јавува ББЦ.
„Ги тепаат учесниците, ги влечат жените за коса до автобусите. Јас успеав да побегнам до еден затворен двор во близина“, изјавил за новинската агенција АП Александер Пономарев, кој учествувал во демонстрациите.
Претходно, полицијата упаднала во канцелариите на организацијата за човекови права „Весна“ и притворила околу 30 активисти. Властите уште пред демонстрациите затвориле повеќе од 100 опозициски приврзаници на времетраење од 3 до 15 дена во пресрет на протестите.
Повремени протести и изрази на незадоволство кај граѓаните на Белорусија од 23 годишната авторитарна власт на претседателот Александар Лукашенко има веќе два месеци, додека последниве демонстрации се предизвикани од таканаречениот „данок за паразити“.
Се работи за данок од околу 230 долари годишно кој би требало да го плаќаат оние кои се невработени повеќе од шест месеци. Иако данокот е суспендиран за оваа година, Лукашенко инсистира дека тој нема да биде повлечен бидејќи внесува дисциплина кај луѓето кои не сакаат да работат. Противниците, пак, сметаат дека таа сума е казна за луѓето кои не можат да најдат работа.
Лукашенко ја предводи Белорусија од 1994 година, земја во која не се толерира никакво поголемо незадоволство. Тој е наречен „последниот европски диктатор“ од повеќе високи западни функционери.