[Видео] Струмичани маршираа против загадениот воздух

„Нема да дозволиме да нè гушат со отрови додека институциите се со кренати раменици. Локалната и централната власт како надлежни гласно молчат со години, но ние повеќе нема да молчиме. До кога ќе мируваме, додека не убиваат заради профит“, порачаа вчера струмичани на големиот протест против загадениот воздух, пренесува новинската агенција Мета.

Под мотото „Забрането дишење“, жителите на овој град, каде во текот на зимата се измерени едни од највисоките концентрации на ПМ честички во земјата и каде двапати се надминуваше прагот на алармирање заради високото загадување, денеска се собраа и маршираа за да го одбранат своето право на чист воздух и здрава животна средина.

„Загадениот воздух е наш непријател и системски сериски убиец. Излегуваме на улиците за да го одбраниме нашето право на чист воздух и ќе чекориме додека не бидеме слушнати. Нема повлекување додека индустријата не стави филтри и не почне активно да ги користи. Отвораме јавна војна со имиња, слики, видеа и блокади додека не видиме промени“, порачаа струмичани.

Тие од властите побараа итно намалување на загадувањето со вонредни краткорочни мерки, санкционирање на сите индустриски и други загадувачи, редовни инспекции и контроли, мерење и мониторинг на загадувањето, промени за користење на технолошки и енергетски решенија, како и рокови за промени или оставки од неодговорни функционери.