Голем број студенти денеска се собраа пред платото на општествениот кампус на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за да оддадат почит на жртвите од пожарот во дискотеката во Кочани. На комеморацијата присутните палеа свеќи, се потпишуваа во книгата на жалост, оставаа цвеќиња, но и донации за поддршка на семејствата на настраданите.
View this post on Instagram
Собирот наречен „Заеднички час“, инициран од Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС-УКИМ), беше закажан за точно напладне, но се одложи малку поради дождот.
Започна со седумминутен молк, за потоа предност да се даде на говорите на ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова и министерката за образование и наука, Весна Јаневска – двата прекинати поради потреба да се укаже помош на некој што му се слоши.
Ректорката зборуваше дека се работи за трагедија од невидени размери, особено за мала земја како што е нашата.
„Занемени сме од тага, од шок, немоќ. Во овој момент, не ни останува ништо друго, освен да го покажеме нашето заедништво во овој непребол“, беа дел од зборовите на Ангеловска.
„Треба брза помош. Викајте доктор!“ се слушна истовремено од присутните, па од говорницата беше побарано да се направи пат за медицинските екипи.
Онаму каде требаше, се носеа и раздаваа шишиња „Кола Кола“. Имаше и апел да помогнат и студентите од Медицински факултетет, ако е потребно.
По неколкуминутниот прекин, Ангеловска продолжи кратко со говорот, посочувајќи дека е згрижен студентот на кој му било лошо.
„Порачувам да останеме сплотени во нашата солидарност и хуманост која треба да ја покажеме во овие моменти како одговорен Универзитет, како одговорни граѓани, за нашите граѓани, за нашата држава“, рече таа и изрази сочувство до семејствата на починатите и побрзо закрепнување до повредените.
Следна на говорницата се појави министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Таа на полниот кампус се заблагодари на присуството, затоа што, како што рече, присуството значи свесност, солидарност, хуманост и споделување.
„Не само на доброто, туку и на тагата и на болката, а тоа е најважно што младите луѓе и сите ние останати заедно во овие тешки моменти можеме да го покажеме. Овде сме сите заедно, за да им помогнеме на живите да ја преболат тагата. Вашата овде присутна енергија, искажана преку зборовите на нашиот поет во седум минути, ќе ги искажам сега, како јас ја почувствував вашата присутност“, рече Јаневска, притоа читајќи дел од песната „Тишина“ на Ацо Шопов.
Говорот беше прекинат со повторни повици „Треба брза помош“ и „Направете место“. Имаше и негодувања и свирежи од дел студенти.
View this post on Instagram
Јаневска на многу кратко рече дека „Ова предолго трае“ и „Вашата порака е примена“, па, откако пак во далечина се слушаа повици и извици, таа сметаше дека во такви услови говорот не треба да продолжи, по што ја напушти говорницата.
По ова, свирежите се интензивираа, а претседателот на УСС-УКИМ, Александар Николовски повика на смиреност.
„Ве молам, ова е мирен собир и треба да искажеме почит кон жртвите. Собирот е да се искаже почит, а не да се протестира“, рече тој.
„А, зошто некој тука собира политички поени?“, прашаа дел од присутните.
Млади луѓе или студенти не зборуваа од говорницата. Единствено Николовски најави дека ќе се организираат вакви мирни собири во текот на целата недела, на повеќе факултети, со што повика на сплотеност.
Попладнето стигнаа повеќе реакции. Од Студентски отпор сметаат дека се случила груба злоупотреба на болката и тагата на граѓаните од институциите. Односно, наместо 7-минутен молк и оддавање почит, ректорката и министерката одлучиле да држат говори.
„Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваков трагичен момент за говори и политичка самопромоција. […] Сведочевме на срамна институционална експлоатација на трагедијата“, стои во реакцијата.
Студентски отпор го осуди ова однесување и побара одговорност од институциите.
„Бараме идни комеморативни настани да се организираат со вистинска почит и достоинство, без политичка инструментализација. Жртвите заслужуваат повеќе, а студентите нема да дозволат нивната болка да се користи за нечии ПР поени. Официјалните тела за студентска репрезентација не смеат да го амортизираат гневот на студентите“, се вели во реакцијата.
Факултетското студентско собрание при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ целосно се огради од настапот на министерката Јанеска.
„Сметаме дека во вакви траорни и тешки моменти нема простор на собир организиран од студентите да се држат говори од претставници на власта. Повторуваме, собирот е студентски и таков треба да остане. Уште еднаш изразуваме сочувство и искрена поддршка на семејствата и најблиските на загинатите и повредените“, соопштија од таму.
На крајот, стигна јавно извинување од УСС-УКИМ.
„Универзитетското студентско собрание на УСС-УКИМ испраќа јавно извинување до сите членови на академската заедница во однос на чинот на говори на денешниот настан. Ова е прва наша организација од овој тип и се молиме дека ќе биде последна. Ги прифаќаме сите критики за овој и секој нареден настан, а и ние самите ги увидовме. На наредните собири нема да има никакви обраќања“, соопштија од УСС УКИМ.
Бојан Шашевски
Фото и прво видео: Ангела Петкова