[Видео] Студентите од Меѓународниот балкански универзитет им оддадоа почит на загинатите во Кочани

„Корупцијата убива луѓе, не пожарите, не зградите. Kорупцијата“. Ова беше главната поента на студентка која денеска се обрати на платото пред Меѓународниот балкански универзитет во Скопје каде се одржа комеморативен настан за загинатите во трагедијата во Кочани.

„Кога се случи земјотресот во Турција, луѓето тука, сите бевте тука да не’ поддржите. Гледајќи ги моите пријатели кои помагаа во тие времиња, како умираат, и тие што беа таму да ни помогнат, страдаат вака, е голема загуба. Македонија е мала земја, но е големо семејство. Можев денеска да носам црно, но не го сторив тоа, бидејќи без разлика на се’, ќе го кренеме гласот за нив и ќе живееме во боја за нив. Нивните спомени нема да ги оставиме во темнина“, рече студентката.

Студентите со едноминутен молк оддадоа почит за загинатите во пожарот во Кочани. Донираа за настраданите семејства, оставаа цвеќиња и пишуваа пораки во книгата на жалост.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Еден од присутните кои се обрати беше и предавачот Бетим Амети кој ја преживеа несреќата во Ласкарци во 2019 година, во која загинаа 16 луѓе.

„Изгубив мои блиски роднини и едвај преживеав. И искрено, после тој настан, навистина верував дека ја научивме лекцијата на потешкиот начин, но барем дека научивме нешто. Научивме дека да се биде неодговорен и алчен има огромни последици, дека одзема животи“, рече Амети, кој пред говорот посочи оти му е тешко да го оддржи.

Тој се наврати и на трагедиите со автобуската несреќа во Бугарија и пожарот во модуларната болница во Тетово, велејќи дека сега ја живееме трагедијата во Кочани, каде, како што рече, цела генерација практично беше отсечена од нивните животи.

„Да го резимирам мојот говор, мојата порака е, ве молам, ве молам, да бидеме поодговорни и свесни во нашите секојдневни работи, бидејќи имаме многу одговорност и само мал пад на критериумите на одговорностите може да чини живот“, рече тој.

Денеска во родните места беа погребани загинатите во Кочани.

Мартин Колоски