Демонстрациите на илјадници студенти во Атина против контроверзниот закон за приватни универзитети, беа одбележани со инциденти во кои полесно беа повредени пет лица, пренесува Данас.
Со законот, дипломите од приватните ќе се изедначат со дипломите од државните универзитети.
Полицијата соопшти дека на собирот имало 17.000 луѓе, а организаторите тврдат дека бројката била околу 30.000
Демонстрантите се упатија кон парламентот извикувајќи пароли – „Не за образованието за грст народ и елитата“ и „Бесплатно образование за сите“.
Инцидентите се случиле кога дел од поворката пристигнала пред парламентот. Полицијата употреби солзавец. Некои демонстранти фрлаа молотови коктели на полицата и запалија корпи за ѓубре.
Најмалку пет демонстранти се полесно повредени, јави агенцијата Франс прес, додека локалните медиуми јавуваат дека има осум повредени и девет уапсени.
Студентите веќе девет недели протестираат против реформата, која, според властите, ќе привлече „големи универзитетски институции од странство“ кои во моментов не сакаат да дојдат во Грција.
Конзервативната влада најави дека приватните универзитети ќе имаат строги оперативни критериуми за да гарантираат ниво еквивалентно на она на државните универзитети.